Антиќ уште ќе се „тресе“ – не му се усвоени финансиските извештаи за 2023 и 2024!

Тројниот европски шампион како играл, Перо Антиќ, повеќе од пола година не е прв човек на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), но тој се уште не е ослободен од одговорноста за својата работа, откако денеска членките на Собранието не му ги усвоија финансиските извештаи за 2023 и 2024 година.

Причина за ова, според актуелниот претседател Томе Главчев, е фактот што се уште се прави ревизија на работењето во овие две години, поради што не е можно да се прифатат извештаите на начин на кој се поднесени. Веднаш по доаѓањето во Куќата на кошарката, сегашните предводници на макбаскетот посочија низа финансиски дубиози и нерезонско трошење пари од страна на Антиќ и неговите соработници, поради што тие се уште трпат последици и не можат да врзат крај со крај. Кога ќе биде готов, финалниот извештај на ревизорите ќе биде испратен до клубовите, кои потоа би се изјасниле дали е прифатлив и ќе треба да се инволвираат одредени државни органи со цел да се расчистат нејаснотиите и дубиозите.

Антиќ во 2023 година располагал со буџет од 129,7 милиони денари, а потрошил дури и повеќе од тоа (130,1 милиони), додека во следната година на располагање од рани извори (најмногу државни) имал дури 136,6 милони денари, но потрошил еден милион денари помалку.