Јагма за билети за мечот на Португалија - над 30 милиони фанови сакаат да го гледаат Роналдо

Колумбија и Португалија ќе се сретнат во решавачки натпревар за првото место во Групата К на Светското првенство вечерва во 1:30 часот по средноевропско време.

Според претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, повеќе од 30 милиони луѓе се заинтересирани за следење на натпреварот во Мајами. Ако Колумбија остане непоразена, ќе го заземе првото место, додека доколку Португалија победи, европската репрезентација ќе влезе како првопласирана во нокаут фазата. Името на противникот во осминафиналето, Хрватска или Гана, ќе биде познато пред почетокот на натпреварот.

Огромниот интерес за овој дуел е дополнително поттикнат од фактот дека речиси 700.000 Колумбијци живеат во пошироката област на Мајами, која претставува една од најголемите колумбиски заедници надвор од нивната татковина. Побарувачката за билети достигна невидено ниво, што е потврдено и со зборовите на претседателот на ФИФА.

„Имаме близу 30 милиони луѓе кои сакаат да присуствуваат на овој натпревар“, изјави Џани Инфантино, за колумбиското радио Карикол.

За споредба, ФИФА доби повеќе од 500 милиони барања за билети за целото Светско првенство. Влезниците беа распродадени во првата фаза од ждрепката, по што следеше препродажба. Цените се движат од 3.500 долари за редовни седишта до 30.000 долари за седишта покрај теренот, додека ВИП пакетите надминуваат 50.000 долари.