Ташовски: Ништо друго, освен победи против Ирска и Луксембург

Кошаркарската репрезентација на Македонија влегува во завршницата од претквалификациите за Европското првенство 2029 година со јасна цел – две победи и потврда на првото место во групата.

Пред важните дуели со Ирска и Луксембург, кои се на програмата на 2. и 5. јули, репрезентативниот бек Виктор Ташовски истакнува дека пристапот мора да биде максимално сериозен и фокусиран. По одличните настапи во дресот на ТФТ во Суперлигата и АБА 2 конкуренцијата, Ташовски ова лето добива важна улога и во националниот тим, особено по повредата на Марин Петков на контролниот натпревар против Бугарија. Првиот предизвик за Македонија е дуелот со Ирска во Скопје, на 2. јули во салата „Лазар Лечиќ“, а потоа следува гостувањето кај Луксембург.

„Целта на двата натпревари ни е само победа. И со една победа ќе бидеме 100% сигурни на првото место, но ние ќе одиме да победиме на двата меча, со максимална фокусираност и по договор со селекторот. Се надевам дека ќе добиеме помош и од публиката. Имаме повеќе квалитет и од Ирска и од Луксембург и мислам дека нема да имаме проблеми.

Ирска доаѓа со нов состав, само тројца играчи ако не се лажам се истите. Ние ќе се фокусираме на нашата игра и со помалку грешки од наша страна ќе одиме на успех“, истакнува Ташовски.

Македонската репрезентација веќе одигра два подготвителни натпревари, против Бугарија на кои забележа по еден пораз и победа, а до првиот дуел против Ирска има уште пет дена.