ФИБА реши: Со преседан ќе се дојде до нов првак во Лигата на шампионите!

Светската кошаркарска федерација (ФИБА) донесе одлука новиот шампион во Лигата на шампионите да се добие во периодот кога традиционално почнува новата сезона и тоа преку фајналејт-турнир на осумте најдобри екипи во град кој дополнително ќе биде одреден.

Сите преостанати средби ќе се одиграат помеѓу 30 септември и 4 октомври и тоа според нокаут-систем, иако претходно беше договорено четвртфиналињата да се играат во два меча, а потоа да има Ф4-турнир.

Во моментов веќе се знаат шест екипи кои ќе настапат на завршниот турнир и тоа Хапоел Ерусалим, Турк Телеком, Бургос, АЕК, Нимбург и Сарагоса, додека последните два тима ќе се дознаат по „мајсторката“ во пресметките помеѓу Дижон и Нижни Новгород односно помеѓу Тенерифе и Остенде.