Играчите на Барса се откажале и од дел од исплатата на плати за да дојде Нејмар

Дефанзивецот на Барселона, Жерар Пике откри дека играчите на Барселона се согласиле да се откажат од исплатата на платите за оваа сезона, ако тоа му помогне на клубот во ангажманот на Нејмар летово од Пари Сен Жермен.

Шпанскиот првак Барселона летово сакаше да го врати Нејмар во своите редови од ПСЖ, откако го продаде бразилецот на францускиот првак за рекордни 200 милиони фунти во 2017 година.

Откако сезонава во Барса пристигнаа Ентоан Гризман за 120 милиони евра и Френки Де Јонг за 75 милиони евра, Пике сега јавно потврди дека играчите му кажале на претседателот на клубот Хосе Марија Бартомеу дека се спремни да ги прилагодат нивните договори само за Нејмар да се врати и да се испочитуваат правилата на финансискиот фер плеј на УЕФА.

„Му кажавме на Бартомеу дека ако е потребно да се одложат исплатите на нашите договори и да се ускладат со финансискиот фер плеј на УЕФА, а да се потпише Нејмар, ние ќе го прифатиме тоа. Подготвени бевме за прилагодување на нашите договори. Не планиравме да помогнеме со средства, но сакавме да ги олесниме нештата дозволувајќи некои плаќања да бидат направени во втората или третата година од договорите, наместо во првата„ , изјави Пике за Шпанското радио Кадена Сер.

Реал Мадрид исто така беше поврзуван со Нејмар летово, но бразилскиот напаѓач остана во ПСЖ и покрај сите вести дека нудел и сам да плати дел од сумата за трансфер во друг клуб. Неговата желба да го напушти Париз не помина добро кај навивачите на клубот, а тренерот Томас Тухел беше несигурен дали да го врати во екипата. Сепак Нејмар се врати во првиот тим на клубот и даде четири погодоци на петте натпревари во Лига 1 на кои настапи, а на три од тие натпревари ПСЖ однесе победа со 1-0.

На последните две средби напаѓачот не заигра поради повредата на бутниот мускул.