Македонскиот ракометен шампион Вардар загуби со 26-30 од Барселона во дербито на седмото коло во Лигата на шампионите, по што црвено-црните со 10 бода сега се четвртопласирани, а Каталонците го освоија првото место во А-групата.

Вардар има 10 бода, исто колку и Кјелце и Рајн Некар Левен по седум меча, во кои трите тима запишаа по пет победи досега. Денеска црвено-црните „изгореа“ во својот котел, па мечот го загубија уште во првото полувреме, по што Барса постојано имаше контрола на мечот и заслужено победи.

Вардарци добија добра лекција и тоа во пеколот пред преполните трибини во СЦ „Јане Сандански“, па сега поразот треба да им биде мотив повеќе, за шест дена да се реваншираат на најдобар начин – во Каталонија. Вардар ѝ гостува на Барса на 17 октомври од 19 часот и ќе треба да покаже дека тимот кој воодушевуваше од стартот на сезоната има капацитет уште еднаш да се врати на сцена во трката за првото место во групата.