Како против Вардар? Рајн-Некар игра добро само едно полувреме!

Вардар го игра вториот домашен натпревар во Лигата на шампионите, а прв против еден од атрактивните од групата, во случајов, германски Рајн-Некар (17ч.). Бундеслигашкиот вицепрвак секогаш знае да биде незгоден ривал, иако Вардар има добар меѓусебен скор со него (5-1-2).

Иако почна со три победи, две од нив гостински кај Веспрем и Монпелје, Вардар уште се наоѓа во фаза од сезоната кога мора да влезе претпазливо во секој дуел и против секој противник. Рајн-Некар не се наоѓа во најблескава форма од почетокот на сезоната, иако резултатите не му се лоши.

Во Лигата на шампионите ги победи Мешков Брест и Кјелце, а загуби во Полска, кај Клејце. Во Бундеслигата има само еден кикс во седум меча, одигра реми дома со Лајпциг, арно ама тренерот Николај Јакобсен не е задоволен и во мечот со Вардар влегува загрижен за играта на својот тим.

„Ако играме со Вардар како во првото полувреме со Гумерсбах - ќе немаме шанса. Генерално, во моментов сме во состојба кога играме еден добро, едно лошо полувреме. Уште не можеме да споиме две добри. Затоа ни недостига стабилност“, вели Јакобсен, само потврдувајќи го овој симптом кој се појави на неколку меча на „лавовите“ сезонава.

Дуелот со Гумерсбах го играа во четвртокот и победија со 30-24, но за да го остварат тоа мораа да се враќаат по негатива од 10-14 во првиот дел. Еден од клучните фактори беше македонскиот репрезентативец Филип Талески, кој постигна пет гола. Сепак и тој призна дека одиграле лош прв дел.

„Во првото полувреме бевме слаби, правевме многу грешки и примавме лесни голови. За среќа, во второто му падна концентрацијата на противничкиот голман и успеавме да победиме со пет разлика“, вели Талески.

Тој ќе биде закана за голот на Вардар и денеска, во зависност колкава минутажа ќе добие од Јакобсен. За разлика од него, Илија Абутовиќ, поранешниот вардарец е во составот, но нема да игра. Слична е ситуацијата и со Стојанче Стоилов, кој изненадувачки се најде во составот на Роберто Парондо, но прашање е колку ќе може да пружи.