„Бомба“ во најава: Милан го враќа Ибрахимовиќ на „Сан Сиро“!
Италијанските медиуми пишуваат дека „росонерите“ ќе се обидат да го убедат Швеѓанецот да се врати на „Сан Сиро“ и да биде трета опција во нападот покрај Гонзало Игуаин и Патрик Кутроне.
Тренерот Џенаро Гатузо изминативе два натпревари имаше проблем во нападот, откако се повредија и Игуаин и Кутроне, па јасно е дека му треба и трет напаѓач со оглед на долгата сезона и многуте натпревари во Лигата на Европа и Серија А.
Ибрахимовиќ има договор со Лос Анџелес галакси до декември 2019 година, но Милан планира да му понуди шестмесечна позајмица од јануари до јуни 2019 година. Голгетерот тогаш ќе има веќе 37 години, но и покрај тоа што е ветеран, тој и натаму знае да ги тресе противничките мрежи. На 24 натпревари во МЛС-лигата сезонава, тој постигна 20 голови.
Од 2010 до 2012 година Ибрахимовиќ го носеше дресот на Милан и беше еден од клучните фудбалери во последната титула на клубот во Серија А во 2011 година. Следното лето беше продаден во ПСЖ заедно со Тијаго Силва, откако клубот почна да има проблеми со финансиите. Ибрахимовиќ никогаш не сакаше да си замине од Милан, па затоа градот и клубот и натаму ги чувстува како свој дом.
Едно е сигурно, навивачите би го прифатиле со отворени раце, а исто и тренерот Џенаро Гатузо, бидејќи во соблекувалната веднаш би добил вистински лидер.