Вардар забега: Билетите за Фенербахче од 2.000 до 3.000 денари!

Македонскиот фудбалски шампион Вардар забега со цената на влезниците за претстојниот плејоф меч во Лига Европа против турскиот гигант Фенербахче, па црвено-црните денеска објавија дека од среда ќе почнат да се продаваат билетите по цена од 2.000 до 3.000 денари.

Црвено-црните преку својата интернет-страница го објавија начинот на купување на влезниците, за дуелот што се игра на 17 август на Националната Арена „Филип Втори“, а редовните фанови ќе добијат попуст од 50 отсто

„Од среда (09.08.2017 година) почнува продажбата на билети за натпреварот од плеј-офот од Лигата на Европа помеѓу Вардар и Фенербахче кој што ќе се игра на 17-ти август на „Телеком Арената“ во Скопје. Цената на билетите ќе изнесува 2.000, 2.500 и 3.000 денари.

ВАЖНА НАПОМЕНА: Имателите на Вардар ПАС билети, оние гледачи кои беа пристугни на натпреварите со Копенхаген или Малме во ЛШ, и оние кои што ќе приложат билет од некој од минатосезонските натпревари на ФК Вардар, имаат 50% попуст при купување на билет. За нив билетите ќе чинат 1.000, 1.250 и 1.500 денари.

При купување на билет, секој ќе мора да приложи документ за идентификација (лична карта, пасош).

Поради големиот интерес и од безбедносни причини, јужната трибина на „Телеком Арената“ ќе биде резервирана за навивачи на Фенербахче. Навивачи на Вардар и неутрални гледачи, можат да купуваат билети само за западната и за северната трибина од стадионот“, се вели во објавата на интернет-страницата на ФК Вардар.