Успех во Копенхаген на Самсоненко ќе му исплати сè што досега изградил за Вардар
Пред три години Сергеј Самсоненко, рускиот бизнисмен, кој дотогаш ги имаше женскиот и машкиот ракометен клуб го презема фудбалскиот клуб Вардар, купувајќи го за 81 илјада евра од Град Скопје, како единствен понудувач на јавен тендер . По три години и тотална доминација на македонските фудбалски терени (три шампионски круни), Вардар има шанса да го направи најголемиот успех не само во клупската историја, туку и во историјата на македонскиот фудбал. Успех, можеби каков што во јуни годинава направија црвено-црните ракометари со европската круна од Келн во Лигата на шампионите.
Самсоненко освен трите титули во витрините, на ФК Вардар му направи тренинг-камп и Академија, две крупни инвестиции вредни нешто повеќе од шест милиони евра. Фудбалерите од првиот тим добија европски услови за тренинг во базата во Хиподром, а младите таленти шанса да се избрусат во нови идни ѕвезди. И, три години по превземањето, Самсоненко сега може да си го врати сето тоа што го инвестираше.
Деведесет минути го делат Вардар од пласман најмалку во групната фаза во Лига Европа, што финансиски би значело 2,6 милиони евра за пласман, три милиони евра за елиминација во плејофот во ЛШ, еден милион евра од бонусите во квалификациите или севкупно – 6,6 милиони евра. Преведено по инвестициски речник – извадена инвестицијата во Тренинг-кампот и во Академијата.
Ако на ова се додаде дека Вардар најмалку би заработил и до два милиони евра од ТВ-правата (УЕФА ги дели парите поради централизираните ТВ и маркетинг права), а би имал солидна заработка и од продажбата на влезници за трите меча во Лига Европа, плус уште еден меч од плејофот за ЛШ, тоа би значело дека Самсоненко би бил и до позитивна нула, ако се пресметаат севкупно неговите инвестиции во фудбалскиот клуб Вардар.
Победа против Копенхаген за Вардар ќе ја отвори шансата и да се бори за место во Лигата на шампионите, каде што за влез и настап во елитното друштво на црвено-црните би им донело тројно повеќе заработка од оваа за Лига Европа, а повторно преку инвестицискиот речник тоа би било – враќање на инвестицијата и за салата „Јане Сандански“ (без хотел „Русија“). Зашто тогаш Вардар би инкасирал и до 20 милиони евра.
КОЛКУ ВАРДАР НАЈМАЛКУ БИ ЗАРАБОТИЛ СО ПОБЕДА НАД КОПЕНХАГЕН
- 1 милион евра од бонуси за настап во квалификации
- 3 милиони евра оштета за елиминација во плејоф во ЛШ
- 2,6 милиони евра за пласман во Лига Европа
- шанса за бонуси (360 илјади за победа, 120 илјади за реми)
- заработка од ТВ и маркетинг од УЕФА
- заработка од продадени влезници (една плеј-оф ЛШ и три групи во ЛЕ)
- дополнителни спонзорски договори