Втор пораз за вицешампионот, ТФТ се радуваше во дербито! (ФОТО)

Кошаркарите на ТФТ на свој терен го добија дербито со вицешампионот Скопје славејќи победа од 102-98.

Домашниот тим сосема заслужено стигна до победата откако водеше во текот на целиот натпревар, гостите иако беа блиску и не се предаваа константно имаа негатива. ТФТ до двоцифрена предност дојде уште во првиот период кој го доби со 30-18.

Гостите во вториот дел се обидуваа да се вратат, намалија до „минус шест“, но ТФТ тука одново „додаде гас“ и на пауза замина со водство од 52-41.

Третата четвртина ја донесе и најдобрата игра на тимот од Тафталиџе кој во еден момент поведе со највисоки 17 поени разлика (64-47). Скопје ниту тогаш не се предаде, па со неколку кратки серии намали на 74-63, резултат со кој се влезе во последната четвртина.

Таму гостите ја преземаа контролата и во последните моменти стигнаа и до негатива од само два поени (92-90). Но, тука како да загубија сили, па ТФТ го приведе кон крајот и запиша нов триумф.

Најдобар во редовите на победничкиот состав беше Ѓорѓи Цветковски со 24 поени, Вајт запиша дабл-дабл, додека Николов ја заврши средбата со десет. На спротивната страна Паркет дуелот го заврши со 31 поен и 12 скока.

За вицешампионот ова е втор пораз откако претходно го отвори првенството со пораз од Кожуф.