Реал ја прекина серијата на Партизан, дербито на вечерта за Панатинаикос (ВИДЕО)

Кошаркарите на Реал Мадрид убедливо го совладаа Партизан во натпреварот од четвртото коло во Евролигата, откако на домашен терен славеа со 86-76 и така им го нанесоа првиот пораз сезонава на „црно-белите“ кои почнаа со три победи.

Од самиот почеток беше јасно кој е господар на теренот во Мадрид. Реал беше многу подобар тим уште од првата минута, па по првата четвртина имаше убедлива предност од 27-19. Предноста на „кралскиот клуб“ продолжи да расте и до паузата, кога резултатот гласеше 53-37.

Партизан во продолжението успеа до одреден степен да ја подобри својата игра, но не и да ја загрози големата предност на Реал Мадрид, кој немаше проблеми да стигне до сигурна победа и српскиот тим само успеа да го ублажи поразот.

Реал го предводеше Тео Маледон со 13 поени, додека Факундо Кампацо постигна еден поен помалку. Кај Партизан убедливо најдобар беше Карлик Џонс со 19 поени, пет асистенции и три скока.

Дербито на вечерта се играше меѓу Панатинаикос и Фенербахче во „ОАКА Арена“, каде што грчкиот тим убедливо го совлада турскиот со 92-74.

ПАО водеше од почетокот до крајот на натпреварот, а победата ја обезбеди во третата и четвртата четвртина, кога Фенербахче попушти и не успеа да го следи ритамот на вечерва значително подобриот противник.

Најефикасни во победничкиот состав на Панатинаикос беа Најџел Хејс-Дејвис и Матијас Лесор со по 19 поени. Лесор додаде и осум скока, па беше блиску до дабл-дабл учинок. Одличен беше и Силвен Франциско со 17 поени и седум асистенции, додека кај Фенербахче се истакна Брекстон Ки со 13 поени и седум скока.

На останатите две средби Валенсија со 93-82 го совлада Хапоел, додека Виртус на гости се радуваше против Баерн со 94-87.