Кошмар за „јорганџиите“: Атлетико остана со само еден напаѓач до крајот на годината

Атлетико Мадрид доби лоши вести по триумфот над Викинг во Лигата на шампионите. Александер Сорлот заработи мускулна повреда на десната нога, поради која ќе мора да паузира, а неговото враќање на терените ќе зависи од текот на рехабилитацијата.

Норвешкиот напаѓач се повреди на дуелот со Викинг, на кој конечно го постигна првиот гол во сезоната. При обидот да му асистира на Маркос Љоренте, Сорлот силно удри во стативата, а во 71. минута мораше да го напушти теренот.

Првичните процени во клубот не упатуваа на посериозен проблем, но медицинските прегледи ја потврдија повредата. Од Атлетико соопштија дека фудбалерот ќе работи со физиотерапевтите и ќе спроведува посебна програма за враќање во натпреварувачки ритам, без да наведат конкретен датум за неговото враќање.

Сепак, шпанските медиуми најавуваат дека паузата ќе биде подолга и дека Сорлот ќе се врати на почетокот од 2027 година. Според процените на медиумите, тој би можел да ги пропушти најмалку следните пет натпревари, меѓу кои и гостувањето кај Елче, како и дуелот со Барселона на „Камп Ноу“.

Ова е сериозен проблем за Диего Симеоне, особено затоа што Сорлот штотуку почна да ја враќа формата по тешкиот почеток на сезоната. Норвежанецот претходно имаше проблеми и во подготвителниот период, а голот против Викинг требаше да му даде дополнителна самодоверба. Освен тоа, Атлетико остана само со Хулијан Алварез во нападот бидејќи претходно се повреди и Адемола Лукман кој исто така се очекува да се врати во јануари.