Меси и Роналдо на чекор до историски момент – да заиграат заедно во иста екипа

Фудбалскиот свет би можел да биде сведок на сцена која со години изгледаше речиси невозможна – Лионел Меси и Кристијано Роналдо да заиграат заедно, и тоа во ист тим! Човекот кој се обидува да го оствари овој сон е нивниот поранешен соиграч Карлос Тевез.

Аргентинскиот ас го подготвува својот проштален натпревар, кој е закажан за 20 декември на легендарната „Ла Бомбонера“, стадионот на Бока Јуниорс. Учеството на Меси веќе е потврдено, а Тевез сега се обидува да го убеди и Роналдо да биде дел од спектаклот.

Во разговор со Рио Фердинанд, Тевез откри дека Меси и Хуан Роман Рикелме ќе настапат на неговиот проштален меч, а не ја криеше ниту желбата да го донесе португалскиот ас.

„Меси ќе игра, а Рикелме исто така“, потврди Тевез, кој претходно најави дека лично ќе се погрижи да го контактира Роналдо.

Идејата добива дополнителна тежина поради посебната поврзаност на Тевез со двете фудбалски икони. Со Меси настапуваше во аргентинската репрезентација, додека со Роналдо го делеше соблекувалниот во Манчестер Јунајтед. Покрај нив, за прошталниот натпревар се очекува да бидат поканети и голем број други легенди, меѓу кои Џанлуиџи Буфон, Едвин ван дер Сар, Рио Фердинанд, Немaња Видиќ, Џорџо Кјелини, Леонардо Бонучи, Андреа Пирло и Пол Сколс.

Ако Тевез успее да го реализира планот, фудбалот ќе добие можност да ги види двајцата најголеми ривали од модерната ера во ист дрес, макар и само за една вечер.