Шенгелија ја одигра партијата на животот на денот кога доживеа семејна трагедија

Торнике Шенгелија имаше причини синоќа да не се појави на теренот, но место тоа направи нешто што долго ќе се памети. Само неколку часа откако ја дознал веста за смртта на баба му, грузискиот кошаркар излезе на паркетот во Атина и одигра една од највпечатливите партии во својата кариера, предводејќи ја репрезентацијата до голем триумф над Грција од 92-88.

Приказната за неговиот настап почна уште во средата вечер во Евролигата. Шенгелија го носеше дресот на Дубаи на натпреварот против Партизан, во кој неговиот тим загуби со 71-84. На паркетот мина 22 минути и 22 секунди, а потоа го чекаше долго патување до Грција, каде што требаше да ѝ се приклучи на националната селекција.

Во Атина пристигнал околу пет часот наутро. Наместо одмор, го дочекала и веста за смртта на баба му. Се најде пред тежок избор, но реши да настапи и да им помогне на соиграчите во важниот квалификациски натпревар за Светското првенство.

Она што следуваше беше неверојатно. Шенгелија речиси цел натпревар беше на теренот – 43 минути и 48 секунди, во кои постигна 25 поени, забележа 11 скока и подели пет асистенции. Со индекс на корисност 26 беше еден од клучните играчи во историскиот пресврт на Грузија. Гостите одлично се снајдоа во драматичната завршница. Иако во продолжението дозволија Грција да поведе со седум поени, не се предадоа. Следуваше серија од 11-0, со која Грузија направи пресврт и стигна до победа што може да има огромно значење во борбата за пласман на Мундобаскетот.

По последниот звук на сирената, Дуда Санадѕе откри дека победата имала и посебна посвета. Грузиските кошаркари сакале да му возвратат на својот капитен за сè што направил во исклучително тежок ден.

„Излезе на теренот и ја остави душата. За сите нас. Секогаш ќе играм за Грузија, но вечерва навистина играв за Токо. Сакавме да победиме за него“, порача Санадзе.

За Шенгелија, вчерашната вечер беше многу повеќе од уште еден натпревар во репрезентативниот дрес. Во ден кога кошарката веројатно беше последното нешто на што мислеше, тој сепак застана покрај своите соиграчи. А тие му возвратија со победа посветена на човекот кој не ги остави на цедило.