Неизвесен дуелот меѓу Галатасарај и Астон Вила поради - лав!

Неверојатна ситуација го привлече вниманието на турската и европската јавност во пресрет на натпреварот меѓу Галатасарај и Астон Вила во Лигата на шампионите. Лав бил забележан како се движи слободно низ шумска област во Истанбул, на околу 16 километри од стадионот „РАМС парк“, каде што двата тима треба да се сретнат вечерва.

Веста предизвика голема вознемиреност, а турските власти организираа обемна потрага по животното. Во акцијата се вклучени околу 70 лица, меѓу кои полицајци, припадници на итните служби и специјализирани екипи, а во потрагата се користат и седум дронови.

Лавот првпат бил забележан во неделата навечер, околу 21 часот, на безбедносните камери во областа Зекеријакој, во истанбулскиот реон Саријер. Оттогаш трае потрагата, а пристапот до шумската област и околните населби е ставен под контрола. Канцеларијата на гувернерот на Истанбул потврди дека е идентификувана областа во која се наоѓа животното и дека се преземаат мерки за негово заловување во жива состојба.

Интересно е што целата приказна доби дополнителна фудбалска димензија поради прекарот на Галатасарај – „лавовите“. Дефанзивецот Абдулкерим Бардакџи беше прашан за необичниот случај, па одговори со шега:

„Сакам да кажам нешто, бидејќи целата земја зборува за ова. Единствениот лав што го чувам дома е мојот син“, изјави турскиот репрезентативец.

Во меѓувреме, се појавија и шпекулации дека Астон Вила го променила планот за подготовка поради избеганиот лав. Сепак, англискиот клуб последниот тренинг го одработи во својот тренинг-центар „Бодмур Хит“. Тренерот на Астон Вила, Унаи Емери, порача дека променетиот распоред нема да биде оправдување за евентуален лош резултат.

Во текот на денов ќе се знае дали ќе има промени во однос на натпреварот, односно дали тој ќе се одигра според планираниот распоред.