Гвардиола ги „откачи“ Американците - не сака меѓу селектори

Пеп Гвардиола нема да биде нов селектор на фудбалската репрезентација на Соединетите Американски Држави, иако неговото име се споменуваше како една од најатрактивните опции за наследник на Маурисио Покетино.

Шпанскиот стратег нема намера наскоро да се врати на тренерската работа. По завршувањето на ангажманот во Манчестер Сити, Гвардиола планира да направи најмалку едногодишна пауза, во која ќе се посвети на приватниот живот и ќе се одмори од долгогодишниот притисок на врвниот фудбал.

Американската федерација останува без селектор откако Покетино ја прифати понудата од Манчестер Јунајтед, па Гвардиола се наметна како сериозен кандидат за негов наследник. Сепак, во овој момент ниту финансиски привлечна понуда не би требало да го промени планот на Каталонецот. Иако засега не сака да преземе нова работа, Гвардиола никогаш не ја криел желбата еден ден да води национален тим на големо натпреварување. Претходно беше поврзуван со селекторската позиција во Италија и Англија, а посебна наклонетост покажа и кон репрезентацијата на Бразил.

САД, пак, не му се непозната средина. По заминувањето од Барселона во 2012 година, Гвардиола помина извесен период во Њујорк, каде што уживал во подискретен живот, далеку од секојдневното внимание на фудбалската јавност.