Роналдо проби уште една граница, стана прв фудбалер мултимилијардер

Кристијано Роналдо продолжува да поставува рекорди и надвор од фудбалските терени. Португалската суперѕвезда се најде на врвот и во финансиски поглед, откако неговото богатство, според најновите процени, надминало две милијарди долари.

Роналдо одамна не е само еден од најдобрите и најплатените фудбалери во светот. Тој изгради глобален бренд кој му носи огромни приходи преку договорите со клубовите, спонзорствата, инвестициите и сопствените деловни проекти.

Голем удел во неговото богатство има и договорот со Ал-Наср. Во јуни 2025 година, Португалецот го продолжи престојот во саудискиот клуб со договор чија вредност, според медиумските извештаи, надминува 400 милиони долари. Тоа дојде како продолжение на неговиот статус на еден од најплатените спортисти во историјата.

Дополнителен извор на приходи се и долгогодишните партнерства со светски познати брендови, меѓу кои е и „Најк“, како и неговите бизниси поврзани со модата, парфемите, хотелите и фитнес-индустријата.

Роналдо веќе во октомври 2025 година беше прогласен за прв фудбалер милијардер според процената на „Блумберг“, која тогаш неговото богатство го процени на околу 1,4 милијарди долари. Сега е прв фудбалер мултимилијардер бидејќи ниеден друг негов колега нема богатство што се проценува на 2 или повеќе милијарди долари.

На 41-годишна возраст, Роналдо и понатаму е активен на теренот, а неговото влијание одамна ги надмина границите на фудбалот. Со заработката од спортот и успешното градење деловна империја, Португалецот е еден од највпечатливите примери за тоа како врвната спортска кариера може да се претвори во глобален бренд.