Манчестер Јунајтед во договор со навивачите ќе гради стадион со 100 илјади места
Раководството на англискиот гигант започна големо истражување меѓу приврзаниците, со цел да ги слушне нивните мислења и желби за изгледот и функционирањето на новото спортско здание. Иако првичните архитектонски концепти веќе беа претставени, конечниот дизајн сè уште не е одобрен.
Проектот доби дополнителен поттик откако клубот претходно годинава обезбеди дополнително земјиште, со што архитектонското студио „Фостер + Партнерс“ можеше да продолжи со работата на плановите. Во проектот е вклучен и сер Џим Ретклиф, еден од клучните луѓе во сопственичката структура на клубот.
Анкетата опфаќа неколку важни теми: атмосферата на трибините, зачувувањето на традицијата и историјата на клубот, пристапноста до стадионот, транспортната поврзаност, како и целокупното искуство на навивачите за време на натпреварите.
Планирани се и средби со различни групи приврзаници, на кои подетално ќе се разгледуваат предложените решенија. Во следните фази ќе се отвори дискусија и за цените на билетите, достапноста и другите прашања што директно ги засегаат посетителите.
„Новиот стадион е еден од најзначајните проекти со кои Манчестер Јунајтед ќе се соочи во следните 100 години и важно е да го изградиме заедно со нашите навивачи“, порача Колет Рош, извршна директорка задолжена за развојот на стадионскиот проект.
Според плановите, новото здание треба да има капацитет од 100.000 седишта и да стане еден од најголемите фудбалски стадиони во Европа. Целта е да се создаде модерен дом што ќе ги задоволи највисоките стандарди, но истовремено ќе го зачува препознатливиот идентитет на клубот.
Навивачите ќе можат да го дадат своето мислење преку анкетата до 6 ноември.