Аргентинецот емотивно: Меси проговори за Барса и ги расплака навивачите ширум светот!

Аргентинскиот напаѓач на Интер Мајами, Лионел Меси, во најновото интервју отворено проговори за неговата длабока поврзаност со Барселона, клубот со кој освои бројни тимски трофеи и индивидуални признанија во текот на својата блескава кариера.

Одговарајќи на прашањето што всушност за него претставува каталонскиот гигант, еден од најдобрите фудбалери на сите времиња ја истакна огромната емотивна вредност на времето поминато во Шпанија, потенцирајќи дека не станува збор само за освоените титули, туку за целокупното искуство и начинот на кој стигнале до тие историски успеси.

„Што значи Барселона за мене? Има толку многу прекрасни моменти што е тешко да се сумира значењето на клубот само со неколку зборови... Чувствувам многу посебна љубов кон градот и кон клубот. Во Барселона имавме среќа да освоиме сè, не само поради тоа што го постигнавме, туку и поради начинот на кој го направивме тоа, и колку многу уживавме во натпреварите, победите и успесите што ги остваривме. Но, најважното нешто е да се ужива во деталите од секојдневието, тренинзите и прекрасните моменти кои ги споделивме заедно“, истакна Меси.

Изјавата на славниот Аргентинец беше првично пренесена преку профилот „All About Argentina“ на социјалната платформа Икс, предизвикувајќи големо внимание и носталгија меѓу фудбалската јавност ширум светот.