Бомба од Англија: Халанд бега од Манчестер Сити и се сели во - Шпанија!

Додека сè уште се чека конечната одлука за евентуалната казна за Манчестер Сити, најдобриот стрелец на тимот, Ерлинг Халанд, сериозно размислува за заминување од англискиот шампион.

Еден од најсигурните извори на фудбалскиот трансфер-пазар, новинарот Матео Морето, ексклузивно откри дека норвешкиот напаѓач кариерата со сигурност ќе ја продолжи во Шпанија.

„Халанд ќе игра во Ла Лига, порано или подоцна. Тој сонува да игра во Шпанија, навистина сонува. Негов следен чекор ќе биде заминување во некој клуб од Ла Лига, но не знам кој клуб ќе биде тоа“, изјави Морето.

Не е тајна дека изминативе години Халанд е под постојана лупа на шпанските гиганти Реал Мадрид и Барселона. Во моментов се добива впечаток дека тој е поблиску до преселба на „Камп Ноу“, со оглед на тоа што Каталонците интензивно бараат нов напаѓач откако изминатото лето не успеаја да го доведат Хулијан Алварез. На ова се надоврзува и фактот што позицијата центарфор во Реал Мадрид е веќе резервирана за Килијан Мбапе. Дури и ако се случи заминување на Винисиус Жуниор од Мадрид, тешко е за верување дека Французинот повторно би играл на позицијата лево крило, улога која ја имаше пред неколку години во ПСЖ.

Дополнителна предност за каталонскиот клуб е одличниот однос помеѓу претседателот Џоан Лапорта и агентката на Халанд, Рафаела Пимента. Оваа соработка беше јавно потврдена во повеќе наврати, при што Пимента истакнуваше дека тешко може да му каже „не“ на Лапорта и дека вратите за преговори со него секогаш ќе бидат отворени. Главен проблем за Барселона во евентуалните преговори може да претставува финансискиот аспект, бидејќи Халанд би морал да се согласи на значително помали примања за да го облече нивниот дрес.

Сепак, доколку Манчестер Сити биде казнет со испаѓање во Чемпионшип дивизијата, финансискиот мотив сигурно нема да му биде главен приоритет на норвешкиот голгетер.