Eден фудбалер на Јунајтед збеснал во Италија, имал жестока расправија со Керик!

Тренерот на Манчестер Јунајтед, Мајкл Керик и бразилскиот напаѓач Матеус Куња жестоко се скарале за време на поразот од 4-1 од Комо во третото коло од Лигата на шампионите.

Англиските медиуми пишуваат дека до првата расправија дошло во текот на првото полувреме, а конфликтот наводно продолжил и во соблекувалната. Керик бил незадоволен од играта на Куња, додека Бразилецот бурно реагирал на одлуката на тренерот да го замени уште на полувремето.

Новинарот на „Сан“, Семјуел Лакхерст, кој го следел натпреварот во Италија, ја забележал нивната расправија за време на еден прекин на играта.

„Керик штотуку имаше прилично жестока размена на мислења со Куња за време на прекинот, по што пцуеше бидејќи Манчестер Јунајтед повторно ја загуби топката“, напиша Лакхерст на социјалните мрежи.

Според информациите на порталот „Roundtable“, конфликтот продолжил и на полувремето. Керик тогаш го критикувал настапот на Куња, по што двајцата размениле остри зборови. Бразилскиот напаѓач наводно бил бесен поради одлуката на тренерот да го извади од игра и не го криел незадоволството пред соиграчите. Истиот извор тврди дека атмосферата останала напната и по завршувањето на натпреварот.

Куња го започна дуелот против Комо на позицијата лево крило, но во текот на првото полувреме имаше само 27 контакти со топката и еден удар кон голот. Керик го замени на полувремето со Амад Дијало, додека на местото на Андреј Сантос го внесе Карлос Балеба.