ФФМ удри по Шкендија (А): Незнаењето на правилата не е изговор за дивјаштво - ВАР одлуката беше чиста!

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и Судиската организација вечерва најостро го осудија агресивното и неспортско однесување на претставниците на фудбалскиот клуб Шкендија Арачиново по натпреварот од 10. коло во Првата лига против Струга (0-2).

Реакцијата следи откако официјални и неовластени лица на клубот упаднале во судиската соблекувална по натпреварот, испровоцирани од спорна ситуација во првото полувреме за која од „Куќата на фудбалот“ денеска официјално потврдија дека била решена со беспрекорна одлука преку ВАР технологијата. Поради тежината на инцидентот, ФФМ најави експресна дисциплинска постапка пред надлежните органи.

Според деталното објаснување на Федерацијата, клучниот момент на средбата се случил во 24. минута кога напаѓачот на Струга бил спречен во очигледна шанса за постигнување гол од страна на дефанзивецот со број 3 од домашниот тим, кој со двете раце го влечел и задржувал противникот. Иако главниот судија првично не реагирал, ВАР собата правилно интервенирала и препорачала преглед на снимката покрај теренот. По прегледувањето на видео материјалот, главниот арбитар ја променил одлуката, досудил удар од 11 метри и му доделил директен црвен картон на играчот на Шкендија Арачиново.

„Во оваа ситуација во целост е испочитуван ВАР протоколот и точно се применети критериумите од Правилата на фудбалската игра. Ова уште еднаш ја потврдува важноста на ВАР технологијата за обезбедување поправедни одлуки на теренот“, потенцираат од ФФМ.

Сепак, вистинскиот скандал се случил надвор од зелениот терен по завршувањето на натпреварот. Од ФФМ информираат дека претставници на клубот, придружувани од неслужбени лица, неовластено влегле во судиската соблекувална каде упатиле низа вулгарни и неспортски навреди кон арбитрите и официјалните лица. Од Федерацијата посочуваат дека ова не е прв ваков испад на клубот, бидејќи идентично сценарио се случува по вторпат, што е уредно констатирано во официјалниот записник.

„Спортската немоќ, непознавањето на Правилата на фудбалската игра и непочитувањето на основните спортски вредности никогаш нема да бидат оправдување за навреди, закани и притисоци врз судиите, особено кога станува збор за правилно донесени одлуки“, стои во реакцијата на ФФМ, од каде додаваат дека ваквото нецивилизирано однесување претставува директен напад врз интегритетот и безбедноста на службените лица.

Целото соопштение прочитајте го ТУКА.