Вардар брка одмазда во Плоцк - со добра игра да се поправи впечатокот од Скопје!
Во првиот дуел одигран во Скопје, полскиот тим славеше со 32-26, поради што црвено-црните“ патуваат со јасна цел да го поправат впечатокот и да се изборат за своите први бодови во елитното европско натпреварување. Тренерот на Вардар, Иван Чупиќ, потенцираше дека екипата детално го анализирала претходниот натпревар и очекува забележителен напредок во двата правци на играта.
„Секогаш кога ќе загубите натпревар, јасно е дека можете и морате да бидете подобри. Висла беше фаворит во Скопје, а ќе биде уште поголем фаворит кога ќе играме на нивниот терен. Не мислам дека пред нашите навивачи одигравме толку лошо како што можеби изгледаше поради доминацијата што ја покажа Висла. Го анализиравме натпреварот и сигурно има простор за подобрување во нашата игра, како во одбраната така и во нападот. Верувам дека со добра енергија и поголема самодоверба можеме да одиграме силен и квалитетен натпревар“, изјави Чупиќ.
Слично размислување дели и првотимецот Вукашин Воркапиќ, кој смета дека екипата мора да извлече сериозна поука од поразот во Скопје. Тој најави максимална борбеност и поинаков пристап на гостувањето во Полска, со надеж дека тоа ќе биде доволно за позитивен резултат.
„Теоретски сè е можно, иако реално веројатно немаме многу шанси. Ќе дадеме сè од себе да понудиме нешто повеќе, да ги исправиме грешките и да ги освоиме двата бода што сите со нетрпение ги очекуваме. Единствениот начин да стигнеме до нив е со вистински пристап и вистинска енергија. Тоа е суштината. Ќе дадеме сè што имаме“, заклучи Воркапиќ пред заминувањето за Полска.