Драма во Сингапур - на Хамилтон му се слошило

Луис Хамилтон имаше тежок крај на Големата награда на Сингапур. Седумкратниот светски шампион се почувствувал лошо по трката, поради што морал на медицински преглед, а воедно остана и без посакуваниот резултат на патеката.

Британецот ја заврши трката на шестото место, иако стартуваше од третата позиција и имаше можност да се вмеша во борбата за подиумот. Победата му припадна на Макс Ферстапен, додека Шарл Леклер и Кими Антонели ги освоија преостанатите места на подиумот.

Хамилтон самиот призна дека направил грешка во клучниот момент од трката. Кога беше активиран виртуелниот безбедносен автомобил, возачот на Ферари одлучи да остане на патеката наместо да влезе во боксот за промена на гумите. Одлуката се покажа како погрешна. Во завршницата неговите гуми ја загубија ефикасноста, па Британецот не можеше да го задржи темпото и заврши зад неколку ривали, пропуштајќи ја шансата за место меѓу најдобрите тројца.

Хамилтон не бараше изговори за исходот и ја презеде одговорноста за направената грешка, признавајќи дека тоа била болна лекција за него и за тимот на Ферари.

Проблемите, сепак, не завршија со карираното знаме. По трката Хамилтон не се чувствувал добро, поради што бил прегледан од медицинскиот тим на ФИА. Не беа објавени дополнителни детали за неговата состојба, ниту беше официјално потврдено дека причината за непријатноста биле тешките временски услови.

Сингапур е една од физички најнапорните трки во календарот на Формула 1, поради високите температури и влажноста на воздухот. Сепак, засега нема потврда дека токму тие услови биле причина за проблемите на британскиот возач.