Ѓоковиќ: Имам голем здравствен проблем, ама не смеам да кажам каков!
Освојувачот на 24 грен слем титули, сепак, реши јавно да ги расчисти дилемите. Веднаш по победата против кинескиот тенисер Јунчаокете Бу во третото коло на турнирот во Пекинг, Ѓоковиќ одржа прес-конференција на која отворено проговори за вистинските причини за неговите потешкотии, признавајќи дека очајно се обидува да најде рецепт за враќање во препознатливиот ритам. Соочен со константните прашања за неговото здравје, српскиот ас реши да ја отвори душата, потенцирајќи дека не сака неговата искреност да биде протолкувана како алиби за евентуалните послаби резултати во текот на оваа натпреварувачка година.
„Не сакам да навлегувам во детали, бидејќи би излегло дека се жалам и барам изговори. Вистината е дека оваа година за мене е голема битка со здравствени проблеми. Се обидов на различни начини да пронајдам решение, да останам во каква-таква физичка форма и здравствено да бидам способен за теренот и противникот. Ако некој ме победи затоа што бил подобар од мене, перфектно. Но, повеќето натпревари во оваа сезона за мене беа вистинска физичка битка, и тоа без никаква конекција со мојата подготвеност“, истакна Ѓоковиќ.
Тој категорично ги демантираше тврдењата дека неговото тело повеќе не може да го издржи високото темпо на модерниот тенис, откривајќи дека станува збор за конкретен здравствен проблем кој неговиот стручен и медицински тим се обидува конечно да го санира.
„Луѓето мислат дека моите проблеми се последица на нивото на мојата подготвеност, но тоа не е точно. Поврзани се со моето здравје. Не сакам да откријам за што точно станува збор, но се обидувам тоа конечно да го решам со мојот тим. Тешко ми е да се вратам на своето тениско ниво. Се надевам дека на наредните турнири ќе бидам подобар. Не е забавно да се чувствувате вака на теренот, бидејќи трошам и сила и емотивна енергија на проблемите во самата игра“, искрено заклучи Ѓоковиќ.