Продолжува преписката: Јас не сум сопственик на Ла Лига, ама не е ни Флорентино Перез

Само неколку часа откако Реал Мадрид објави остро соопштение во кое го критикуваше претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, стигна и неговиот одговор.

Првиот човек на шпанското првенство повторно застана зад своите ставови и порача дека нема намера да отстапи од својата позиција.

„Да се застапуваат интересите на еден клуб не значи да се прифаќа неговиот дискурс, а да се претставуваат сите не значи да му се покоруваш на најмоќниот. Од целото соопштение на Реал, точно е само дека јас не сум сопственик на Ла Лига. Но, не е ни претседателот на Реал“, напиша Тебас.

Тој се осврна на критиките на Реал Мадрид за судењето и нагласи дека клубот има право да реагира на спорни одлуки, но не се согласува со тезите дека секоја грешка претставува доказ за заговор против мадридскиот гигант.

„Критикувањето на судиска одлука е легитимно. Претворањето на секоја штета во доказ за прогон е нешто друго“, порача Тебас.

Претседателот на Ла Лига повторно ја критикуваше и реториката која, според него, со години се пласира преку официјалните канали на Реал Мадрид, особено преку Реал Мадрид ТВ, каде што често се зборува за наводно неправедно судење и „наместена лига“. Тебас смета дека таквиот дискурс не придонесува за довербата во шпанскиот фудбал.

„Со години зборуваат за лига која е наместена, од коло во коло. Дали тоа создава доверба или ја нарушува сликата за шпанскиот фудбал?“, праша тој.

Тој дополнително порача дека неговата улога не подразбира пасивна неутралност, туку независно носење одлуки и примена на исти правила за сите клубови.

„Независноста значи да одлучуваш според сопствен критериум, без притисоци и потчинетост, применувајќи ги истите правила за сите и бранејќи го заедничкиот интерес“, наведе Тебас.

Оваа реакција дојде откако Реал Мадрид го обвини Тебас дека со своите јавни настапи го напаѓа клубот и дека неговото однесување ја нарушува сликата за шпанскиот фудбал. Клубот дури порача дека на Ла Лига ѝ е потребен раководител кој ќе ја води со „елементарна неутралност“. На крајот, Тебас ја сумираше својата позиција со кратка порака:

„Почит кон сите. Потчинетост кон никого“.

Со тоа продолжува јавниот конфликт меѓу Реал Мадрид и првиот човек на Ла Лига, кој повторно се разгоре по дербито со Атлетико и различните ставови околу судиските одлуки и реакциите на клубот.