МЗТ се засили со поранешен плејмејкер на Партизан и освојувач на АБА2!

Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром не запира со кроење на квалитетен тим за следната сезона, откако најновото име во ростерот на „штрковите“ е српскиот интернационалец Тадија Тадиќ (27 год, 194 см).

Управата на клубот од Јане Сандански денеска го потврди ангажманот на исклучително квалитетен и искусен бек-организатор, кој има одлично кошаркарско педигре и богато регионално искуство. Кариерата ја започна во српскиот гигант Партизан, со кого во 2018 година се радуваше на пехарот во Купот на Србија. Дека знае како се играат важни натпревари во регионот докажа и во 2022 година, кога со екипата на Златибор се закити со шампионскиот прстен во АБА2-лигата, токму во финалето со МЗТ, а натпреварување во кое сега повторно ќе атакува на врвот, но во сино-белиот дрес.

Србинот зад своето име има и репрезентативен успех, откако во 2017 година со јуниорската репрезентација на својата земја го освои златниот медал на ЕП, а беше дел и од селекциите до 16 и 20 години. За македонската кошаркарска јавност Тадиќ не е непознаница, со оглед на тоа што во минатото веќе има настапувано во нашиот шампионат како играч на Куманово. Покрај тоа, во својата кариера го носеше дресот и на Младост Земун, Слобода Ужице, унгарскиот ДЕАЦ и црногорска Сутјеска.

Од таборот на МЗТ очекуваат неговата висина, одличниот преглед на играта и неспорното искуство да донесат сигурност, но и креативност во надворешната линија за битките на трите фронта – домашниот шампионат, АБА2-лигата и натпреварувањата на ФИБА Европа.