Поранешниот прв човек на Евролига категоричен: „НБА Европа не е реален проект“
Бeртомеу смета дека најголемиот проблем се финансиите. Според него, европските клубови едноставно немаат доволно средства за да ги исполнат финансиските услови што би ги барал новиот проект.
„Проектот не е реален. Клубовите немаат такви пари“, е ставот на Бeртомеу, кој смета дека идејата за европска лига под покровителство на НБА се соочува со сериозни финансиски предизвици.
Неговите зборови доаѓаат во момент кога проектот добива сè поголем замав. НБА и ФИБА веќе работат на создавање ново паневропско натпреварување, а планот е првата сезона да започне во 2027 година. Според досегашните информации, се разгледува лига со 16 екипи – 12 постојани франшизи и четири места за квалификувани тимови. Финансиската страна е токму една од најконтроверзните точки. Во претходните месеци се споменуваа понуди од 500 милиони до една милијарда долари за некои од франшизите, што покажува колку сериозен капитал е потребен за учество во проектот.
Дополнителен проблем е што повеќето европски клубови веќе работат со значително помали буџети и, според анализите на европските медиуми, сè уште немаат јасна слика за потенцијалните приходи од NBA Europe, додека обврските и трошоците би биле огромни. Од друга страна, НБА останува оптимистична. Комесарот Адам Силвер во повеќе наврати истакна дека проектот е долгорочна инвестиција и дека оние што ќе учествуваат не треба да очекуваат брза заработка.