ФФМ му се заблагодари на Станиќ и назначи нов селектор на младата репрезентација

Фудбалската федерација на Македонија денеска го именуваше Александар Таневски за нов селектор на репрезентацијата до 21 година.

Таневски доаѓа од младинските селекции на ФФМ, каде што работеше со репрезентацијата до 20 години, а добро ја познава генерацијата фудбалери која во иднина треба да биде носител на составот до 21 година.

Новиот селектор ќе има можност да работи со дел од помладите фудбалери уште на последните два натпревари од актуелниот квалификациски циклус, со цел постепено да го подготвува тимот за следните квалификации. Од ФФМ очекуваат Таневски да создаде конкурентна репрезентација со подобри резултати, но и селекција која ќе има важна улога во развојот на фудбалери за сениорската репрезентација.

Таневски зад себе има богато тренерско искуство во македонскиот фудбал. Како шеф на стручниот штаб водел 196 официјални натпревари во Првата и Втората македонска лига. Тренерската кариера ја започна во Скопје, со кој обезбеди пласман во највисокиот ранг, а истиот успех го повтори и со Македонија ЃП. Со тимот од Ѓорче Петров играше и во финалето на Купот на Македонија и обезбеди настап во европските купови. Работеше и во Академија Пандев, додека последниот клупски ангажман му беше во Беса.

Таневски на селекторската функција го наследува Горан Станиќ, кому ФФМ му се заблагодари за досегашниот ангажман и придонес во репрезентацијата до 21 година.