Историска одлука на ФФМ: Прволигашите ќе имаат свои делегати во Собранието!

Денеска во просториите на Фудбалската федерација на Македонија се одржа работен состанок на претседателот Масар Омерагиќ со претставниците на клубовите кои беа известени дека ќе имаат свои делегати во Собранието на ФФМ.

Таака за првпат клубовите за првпат во историјата на македонскиот фудбал ќе имаат можност директно да учествуваат во работата на највисокото тело на федерацијата и да придонесуваат со свои предлози, идеи, критики и иницијативи.

Клубовите досега преку општинските фудбалски сојузи немаа директно влијание на Собранието, па токму затоа ова е голема промена.

„Јас не се кријам зад Федерацијата, а не треба ниту клубовите да се кријат зад соопштенија. Се што сметаат дека треба да се подобри, сите предлози и идеи, можат директно преку органите на Федерацијата да ги предложат и достават. Само преку отворена комуникација можеме да дојдеме до решенија“, истакна Масар Омерагиќ на состанокот.

Покрај тоа на состанокот се зборуваше и за инфраструктурата и условите за одигрување на натпреварите.

Од ФФМ беше нагласено дека Федерацијата не е во можност самостојно да ги финансира сите инфраструктурни потреби на клубовите, особено имајќи ја предвид состојбата со средствата наменети за инфраструктурата, кои во последните два месеци од претходното раководство се искористени за два проекти во вкупна вредност од околу пет милиони евра.

„Потребна е коректна и партнерска релација меѓу Федерацијата и клубовите. Ние како ФФМ ќе направиме се што е во наша можност и што сметаме дека е потребно за да го подигнеме нивото на натпреварувањето“, беше порачано на состанокот.

Ваквите работни средби досега не се случувале, а клбувоите ја поздравија идејата да станат редовна пракса.