ФИА три месеци по трката во Монако го промени поредокот, подиум за Хаџар

Управното тело на Формула 1 денеска, три месеци по трката во Монако го промени поредокот и возачот Исак Хаџар го врати на третото место, додека Пјер Гасли остана без подиум.

Гасли на 7 јуни ја заврши трката на третата позиција, но по трката беше поместен на седмото место поради две казни од по пет секунди, изречени поради пребрзо возење во боксот. Со тоа третото место му припадна на неговиот сонародник Хаџар.

Сепак, оваа одлука беше поништена на 12 јуни, откако беше прифатено барањето за преиспитување. Стјуардите ги прифатија доказите од тимот на Алпин дека дошло до грешка при мерењето на времето.

Меѓународниот апелациски суд на ФИА минатиот месец ги разгледа жалбите на Мекларен и Ред Бул, а одлуката беше објавена сега пред Големата награда на Италија.

Од Формула 1 признаа дека имало разлика во мерењето предизвикана од промените во пит-лaјнот. Од Алпин пак порачаа дека се разочарани и фрустрирани од исходот и сметаат дека биле неправедно казнети.

„Иако не се согласуваме со одлуката и и понатаму цврсто тврдиме дека болидот со број 10 (Гасли) во ниту еден момент од трката не го надмина ограничувањето на брзината во боксот, тимот ја прифаќа одлуката на судскиот совет“, соопшти Алпин.

Одлуката ќе има последици и врз останатите возачи. Оскар Пјастри од Мекларен се враќа на четвртото место, додека Лиам Лосон, кој во тој период возеше за Рејсинг Булс, повторно е петти. Неговиот тимски колега Арвид Линдблад се искачува на шестото место.

Фото. Formula 1