Вардар брка петти трофеј во Суперкупот, ама и крај на серијата порази од Охрид!

Ракометниот шампион Вардар и финалистот на Купот на Македонија, ГРК Охрид (19 часот), вечерва со меѓусебен дуел во Суперкупот официјално ќе ја отворат новата натпреварувачка сезонаи тоа со меч што ќе се одигра во спортската сала „26 Април“ во Гевгелија.

Овој натпревар не само што ќе го одлучи освојувачот на првиот официјален трофеј за сезоната, туку претставува и последна генерална проба за двете екипи пред стартот на натпреварите во Суперлигата и предизвиците во европските купови. Ова ќе биде трето соочување меѓу скопскиот и охридскиот тим летниот подготвителен период, но за разлика од денешниот меч, претходните две средби беа од пријателски карактер. Во двете (во финалињата на турнирите во Струга и во Охрид) победата ја однесе тимот на Охрид.

Вардарци го бркаат петтиот трофеј од Суперкупот, додека охриѓани ќе сторат се да влезат во елитното друштво како четврти клуб кој се радувал во ова натпреварување. Од останатите, Пелистер има три победи, а Алкалоид еднаш се радуваше на успех.