Федерер се врати на Ју-ес опен – неговиот бекенд пак ги остави сите без зборови (ВИДЕО)

Швајцарската тениска икона повторно истрча на теренот на кој испиша историја, а публиката во Њујорк доби спектакуларно потсетување на неговата големина.

Роџер Федерер ноќеска повторно се најде на теренот на „Артур Еш“, најголемиот тениски стадион во светот, и уште еднаш покажа зошто неговото име има посебно место во историјата на Ју-ес Опен. Швајцарецот, кој од 2003 до 2008 година беше непобедлив во Њујорк и освои пет титули по ред, повторно го почувствува теренот на кој испиша едно од највпечатливите поглавја во својата кариера.

Кога светлата се изгаснаа, а Федерер се појави на теренот, „Артур Еш“ буквално експлодираше. Посебна еуфорија предизвика моментот кога легендарниот Швајцарец ја стави препознатливата бандана и се подготви за мечот. А организаторите му приредија противник кој дополнително ја направи приказната посебна – Енди Родик. Токму Американецот беше ривалот на Федерер во неговото прво финале на Ју-ес Опен во 2003 година, кога Швајцарецот ја започна својата серија од пет последователни титули во Њујорк.

Родик, пак, веднаш покажа дека не дошол само да биде дел од носталгичен егзибициски спектакл. Го отвори мечот со сервис од неверојатни 214 километри на час, што беше импресивно со оглед на тоа што одамна е во пензија и во кариерата имаше сериозни проблеми со рамото. Сепак, моментот на вечерта пристигна со првиот винер од бекхенд. Препознатливиот еднорачен бекхенд на Федерер, еден од најубавите удари во историјата на тенисот, повторно ја крена публиката на нозе. Камерите го фатија и Феликс Оже-Алиасим, кој кратко, но доволно јасно го опиша она што сите го видоа: „Тоа беше пеколен удар.“

Публиката на „Артур Еш“ уживаше во секоја секунда од враќањето на тениската икона, а Федерер дополнително го зачини спектаклот со дури девет асови. Федерер одамна го нема на професионалниот тениски тур, но неговото појавување во Њујорк уште еднаш покажа дека легендите никогаш навистина не си заминуваат.