Мурињо призна: Еспањол не заслужи да загуби – ова беше победа со душа!
„Кралевите“ славеа со гол во самиот финиш, а Португалецот по мечот посебно ја истакна физичката подготвеност на противникот. Составот од шпанската престолнина поведе во 30. минута со голот на Џуд Белингем, но Еспањол брзо возврати и израмни на 1-1. Резултатот не се менуваше до самиот финиш, а кога се чинеше дека двата тима ќе мора да се задоволат со по еден бод, на сцена стапи Карлос Еспи. Младиот напаѓач во игра влезе во 80. минута, а десет минути подоцна го постигна голот за победа на Реал.
Мурињо по мечот призна дека Еспањол бил исклучително тежок противник, особено поради фактот што домаќините имале повеќе време за подготовки.
„Мислам дека заслуживме да победиме, но Еспањол не заслужи да загуби. Игравме, особено во второто полувреме, со голема контрола и притисок. Ризикувавме и мислам дека заслуживме да победиме“, рече Мурињо.
Португалецот посебно го потенцираше физичкиот аспект, бидејќи Еспањол немал фудбалери кои настапувале на Светското првенство.
„Кога зборуваме за одбранбениот систем, има едно нешто што не можам да го превидам – физичката состојба на тимот. Тие немаа играчи на СП 2026 и долго време работеа заедно. Тоа можете да го видите во начинот на кој го одржуваат интензитетот на игра“, објасни Мурињо.

Тренерот на Реал призна и дека неговите фудбалери сè уште не се во оптимална форма, но токму затоа победата има дополнителна тежина.
„Не очекував Белингем да може да игра толку долго. Некои играчи сè уште не се во најдобра форма. Кога станува збор за пресингот каков што сакам, сè уште ни недостасуваат минути и километри, и на тренинзите и на натпреварите“, порача Португалецот.
На крајот, Мурињо посебно ја пофали реакцијата на играчите кои влегоа од клупата и токму таму ја пронајде една од причините за победата.
„Затоа толку многу ја ценам оваа победа. Беше победа со душа, а исто така и од клупата. Секогаш велам: фрустрирана клупа воопшто не помага. Клупа со тимски дух, кога го имате квалитетот што го имаме ние, може да ви помогне да победите. Беше тежок натпревар и многу важни бодови за нас“, заклучи Мурињо.
Ова беше прв меч за Реал Мадрид во новата сезона, откако ја „прескокна“ првата рунда од Ла Лига поради подолг одмор по настапите на неговите фудбалери на Мундијалот.
ФОТО: X / @realmadrid