ФФМ жестоко до Шкендија (А): Немаше пенали, a нема оправдување за заканите и навредите!

Фудбалската федерација на Македонија се огласи за двете спорни ситуации од натпреварот меѓу Шкендија Арачиново и Арсими во 4. коло од Првата лига, при што категорично застана зад одлуките на судиите.

Во 43. минута домашниот напаѓач во шеснаесетникот падна по контакт со противничкиот фудбалер, но ФФМ оценува дека немало елементи за пенал. Според анализата, контактот бил минимален, а напаѓачот го преувеличил неговото влијание во обид да изнуди најстрога казна. ВАР ја проверил ситуацијата, но не утврдил јасна и очигледна грешка, па одлуката да продолжи играта била потврдена.

Во 82. минута повторно се бараше пенал за Шкендија Арачиново, откако топката го погодила дефанзивецот во рака. ФФМ смета дека раката била во природна положба, блиску до телото, без движење кон топката и без неприродно зголемување на телото. И оваа одлука за да нема пенал била потврдена по ВАР проверката.

Од Куќата на фудбалот, сепак, посебно посочуваат дека судиските одлуки не можат да бидат оправдување за неспортско и недозволиво однесување. Федерацијата констатирала физички постапки кон противнички играчи и претставници, навреди и закани кон судиите, но и сериозни организациски пропусти. Случувањата ќе бидат разгледани врз основа на извештаите на службените лица, по што надлежните органи на ФФМ најавуваат строго постапување согласно правилниците.

ФФМ воедно упати отворена покана до претставник на Шкендија Арачиново да го посети ВАР центарот и стручно да му бидат презентирани двете ситуации и причините поради кои судиските одлуки се оценети како исправни.

Целото соопштение и видеата од спортните ситуации може да ги видите ТУКА.