Ужасни сцени во Колумбија: Навивачи се тепаа со ножеви и мачети - дербито прекинато (ВИДЕО)

Стравични сцени го прекинаа дербито во Богота помеѓу Индепендиенте Санта Фе и Америка де Кали, откако навивачи на двата тима ја пробија заштитната ограда и влегоа на теренот, а на снимките се гледаат и лица со ножеви и мачети.

Инцидентот се случи во текот на натпреварот од шестото коло на колумбиското првенство, по еден жесток старт на Франко Фагундез врз Жан Фернандес. Тоа беше само искрата која ја запали веќе зовриената атмосфера на трибините. Навивачите ги пробија оградите и масовно влегоа на теренот, по што судијата Алехандро Монкада веднаш го прекина натпреварот.

Фудбалерите и стручните штабови мораа итно да се повлечат кон соблекувалните додека на теренот владееше целосен хаос. Најшокантни се снимките кои се појавија на социјалните мрежи. На нив се гледаат навивачи кои трчаат по теренот со големи ножеви и мачети, што отвори сериозни прашања за безбедноста на стадионот „Ел Кампин“. Сѐ уште не е јасно како вакво ладно оружје воопшто било внесено на стадионот.

Полицијата и обезбедувањето со часови се обидувале да ја воспостават контролата и да ги отстранат навивачите од теренот. Од стадионот порачаа дека натпреварот нема да продолжи сѐ додека не бидат исполнети условите за целосна безбедност на сите учесници.