Македонија со седум медали од првата меѓународна завршница на Плазма Спортските игри за млади
Нашата земја оваа година за првпат се приклучи кон големото семејство на Плазма Спортските игри за млади, заедно со Хрватска, Србија, Словенија и Босна и Херцеговина.
Оваа година СИМ одбележува голем јубилеј – 30 години од своето постоење, а Сплит деновиве е во знакот на спортот, дружењето и фер-плејот. На големиот спортски настан пристигнаа и бројни познати спортски имиња и легенди од фудбалот, кошарката, тенисот, ракометот и останатите спортови.
Плазма Спортските игри за млади, покрај тоа што обезбедуваат бесплатен спорт за секое дете, ги промовираат вистинските спортски и животни вредности. Најмладите преку спортот учат да го почитуваат противникот, да се борат до последниот момент, но и достоинствено да победуваат и губат. Во центарот на сите натпревари е фер-плејот.

Првиот медал за Македонија во Сплит го освои Наум Насковски од Куманово, кој се закити со бронзен медал во трката на 60 метри во категоријата 2015 година. Во силна конкуренција, младиот македонски атлетичар стигна до одличен резултат и уште еднаш покажа дека Македонија има голем спортски потенцијал.
Медал освои и екипата на „Ролинг“ од Струмица, која го освои третото место во баскет 3х3. Струмичани покажаа одлични кошаркарски вештини и со своите настапи потврдија дека се одлични „баскетџии“. На теренот беше исклучително возбудливо, а младите кошаркари покажаа и атрактивни потези кои потсетуваа на најдобрите баскет сцени. И во оваа дисциплина, во преден план беше спортскиот дух и фер-плејот.

Уште пред заминувањето за Сплит беше јасно дека Македонија има сериозни адути во шахот, а тоа се потврди и на меѓународната завршница.
Во женска конкуренција, Илијана Велева од Свети Николе освои сребрен медал, додека во машка конкуренција Давид Атанасовски од Гази Баба исто така се закити со сребро.
Секој потег беше внимателно осмислен, секоја партија носеше нова неизвесност, а секоја победа беше заслужена со знаење, смиреност и спортски дух. Младите натпреварувачи уште еднаш докажаа дека шахот создава шампиони не само на таблата, туку и во животот.

Македонските „симовци“ продолжија со одличните настапи и во пинг-понг. Јован Пармачки од Берово го освои второто место во машка конкуренција и заслужено се закити со сребрен медал.
Бронзени медали освоија Мартин Ристевски од Прилеп, кој заврши на третото место во машка конкуренција, и Бојана Јовевска од Пехчево, која го освои третото место во женска конкуренција.
Вредно е да се напомене дека Томи Јакимовски доби признание за фер-плеј на тенискиот турнир.

Со седум освоени медали (три сребрени и четири бронзени), Македонија ја завршува својата прва меѓународна сезона на Плазма Спортските игри за млади со одличен резултат и уште една потврда дека младите македонски спортисти имаат што да покажат на меѓународната сцена.
Големото финале на Плазма Спортските игри за млади е предвидено за вечерва во Сплит, а се очекува на теренот да се појават и бројните најавени спортски ѕвезди и гости, со што ќе биде ставена завршната точка на големиот спортски спектакл.

