Милан не штеди: Доведе белгиски репрезентативец за 66 милиони евра!
Италијанскиот гигант официјално го потврди трансферот на 22-годишното крило од Стразбур, со кое потпиша договор до летото 2031 година. Мореира во Милан ќе го носи дресот со број 22. „Росонерите“ за неговиот потпис ќе платат 50 милиони евра, а дополнително се предвидени уште 16 милиони евра низ различни бонуси. Со тоа вкупната вредност на трансферот може да достигне фантастични 66 милиони евра.
Милан очигледно сериозно се зафати со реконструкцијата на нападот. Клубот веќе потроши рекордни 74 милиони евра за ангажманот на Гонзало Рамош од Пари Сен Жермен, а сега додаде уште еден млад и перспективен офанзивец.
Мореира првите фудбалски чекори ги направи во академиите на Стандард Лиеж и Бенфика. Токму во Лисабон го заврши својот младински развој и привлече големо внимание. Подоцна триумфираше и на Интерконтиненталниот куп за играчи до 20 години, а следната сезона стигна и до дебито во Лигата на шампионите, во квалификациите. Во летото 2023 година Мореира се пресели во Челзи, каде што на 30 август дебитираше за првиот тим во Карабао купот против Вимблдон. Потоа играше и како позајмен фудбалер во Лион, а во летото 2024 година потпиша за Стразбур.
Токму во Франција почна сериозно да го покажува својот потенцијал. Мореира се наметна како еден од најинтересните млади офанзивни фудбалери во францускиот фудбал, а неговата брзина, техника и тактичка разновидност го убедија Милан да инвестира огромна сума во него. Иако ги помина сите младински категории на Португалија до 21 година и настапи на Европското првенство за млади во 2023 година, од 2025 година Мореира ја избра Белгија за својата сениорска репрезентативна кариера.
Минатата сезона за Стразбур одигра 42 натпревари, постигна пет гола и запиша девет асистенции.