Финансиските проблеми го бркаат Јокиќ од Денвер

Иднината на Никола Јокиќ повторно е една од главните теми во НБА, откако финансиската состојба на Денвер Нагетс отвори прашања за тоа како клубот ќе успее да изгради конкурентен тим околу својот најголем адут.

Иако нема конкретни индикации дека српскиот центар ќе биде разменет, сè погласни се анализите дека ограничувањата на платниот список би можеле да го стават раководството пред сериозни предизвици. Нагетс веќе мораа да донесат неколку тешки кадровски одлуки за да го намалат финансискиот товар, а постои можност дополнително да останат без дел од важните играчи од ротацијата. Тоа би можело да влијае врз конкурентноста на тимот и да ја отежне борбата за шампионската титула во наредните сезони. Дури и сопственикот Џош Кренке призна дека не е незамисливо сценариото, Јокиќ да биде разменет во иднина, можеби веќе идното лето.

„Надминувањето на таа граница не е нешто од кое се плашиме, но постојат правила за кои мора да бидеме многу внимателни поради нашата историја со повреди. Ако се повреди погрешната личност, многу брзо влегувате во сценарио за кое никогаш не би сакал ни да помислам - а тоа е тргувањето со број 15 (Никола Јокиќ). Свесни сме за тоа и се обидуваме да ги обезбедиме ресурсите за моментот што доаѓа“, рече Кренке.

Во јавноста се појавија и шпекулации за можен трејд на Јокиќ, наводно за него се заинтересирани Лејкерс, Бостон и Голден Стејт, но засега тие немаат реална основа. Напротив, српскиот кошаркар повеќепати нагласи дека сака кариерата да ја заврши во Денвер, додека одложувањето на новиот договор е поврзано пред сè со финансиски причини, бидејќи следното лето ќе може да потпише уште повреден и поисплатлив договор.

Сепак, аналитичарите предупредуваат дека Денвер ќе мора внимателно да балансира помеѓу задржувањето на својата најголема ѕвезда и составувањето доволно квалитетен ростер околу него. Во спротивно, клубот би можел да се соочи со период во кој финансиските ограничувања ќе бидат поголем противник од ривалите на теренот.