Италија ќе направи финансиски преседан за да го донесе Гвардиола

Италијанската фудбалска федерација е подготвена да направи преседан за да го доведе Пеп Гвардиола на селекторската функција, но најголемата пречка е – неговата астрономска плата.

Шпанскиот стратег во Манчестер Сити заработуваше околу 23 милиони евра годишно, сума која е неколкупати повисока од буџетот што Италија вообичаено го издвојува за селекторската позиција. Поради тоа, федерацијата разгледува различни финансиски модели, вклучувајќи помош од спонзори и приватни партнери, за да може да ја реализира оваа амбициозна идеја.

Според италијанските и шпанските медиуми, челниците на федерацијата сметаат дека евентуалното доаѓање на Гвардиола би донело огромен маркетиншки ефект, поголеми спонзорски приходи и дополнителна комерцијална вредност за репрезентацијата, што би го оправдало рекордниот финансиски ангажман.

Доколку двете страни постигнат договор, Гвардиола ќе стане убедливо најплатениот селектор во историјата на италијанската репрезентација, а можеби и еден од најплатените национални селектори во светот. Останува да се види дали „аѕурите“ ќе успеат да ја затворат најскапата селекторска зделка во својата историја.