Светски шампион со Шпанија од 2010 моли за помош - не му дозволија влез во САД!

Еден од хероите на шпанската репрезентација која ја освои светската титула во 2010 година, Жоан Капдевиља се соочи со проблем пред утрешното финале на Шпанија против Аргентина.

На поранешниот лев бек му била одбиена електронската патна авторизација без која не може да отпатува на натпреварот. Капдевиља на социјалните мрежи објави емотивна порака во која побара помош, а му се обрати и на американскиот претседател Доналд Трамп.

„Ми треба помош, Доналд Трамп. Само што ми кажаа дека не можам да отпатувам на финалето со моите деца затоа што ми е одбиен влез. Може ли некој да ми помогне?

Не можете ни да замислите колку се радував што ќе бидам таму со моите соиграчи од 2010 година и што ќе ја поддржам оваа репрезентација. Не можам да поверувам дека не ми дозволуваат влез во САД и дека ќе пропуштам ваков момент со моите деца. Ако некој знае како може да се реши овој проблем, ќе му бидам благодарен цел живот“, напиша Капдевила.

Според шпанскиот весник „АС“, причината за одбивањето на неговото барање најверојатно е учеството на ревијален натпревар на „Ла Лига Легендс“ во Иран пред десет години. Поради американските правила за патувања во одредени земји, неговото барање не било одобрено.

Шпанската фудбалска федерација ги покани сите членови на златната генерација од 2010 година да бидат специјални гости на финалето против Аргентина, но Капдевиља засега нема да може да им се придружи. Во овој момент не е познато дали ќе успее да најде друго решение и навреме да пристигне во Њу Џерси.