Финалето утре ќе биде најскапо во историјата на спортот, Трамп не би платил толку пари

Финалето на Светското првенство во фудбал меѓу Шпанија и Аргентина стана најскапото во историјата на мундијалите и просечната цена на влезниците на пазарот за препродажба достигна околу 9.900 евра.

Официјалните билети за натпреварот кој ќе се одигра в недела на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси веќе не се достапни на страницата на ФИФА, но влезници сè уште можат да се најдат преку платформи за препродажба.

На една од најпосетуваните американски страници за препродажба на билети, „StubHub“, најевтината влезница вчера чинела околу 7.125 евра, додека цената на најдобрите места покрај теренот достигнувала неверојатни 83.639 евра.

За споредба, просечната цена на билет за финалето на Суперболот изнесувала околу 8.225 евра, додека влезниците за финалето на НБА-лигата во просек биле околу 5.513 евра.

Високите цени предизвикаа реакции кај навивачите, но и кај дел од спортските функционери. Претседателот на Фудбалската федерација на Шпанија, Рафаел Лусон, ја критикуваше ценовната политика на ФИФА, оценувајќи дека таквиот пристап не е прифатлив.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека би сакал да присуствува на финалето, но дека како навивач не би платил толку висока сума за билет.

„Секако дека би сакал да одам, но искрено, не би платил толку пари“, изјави Трамп во интервју за „Њујорк пост“.

ФИФА за првпат примени систем на динамично формирање на цените, сличен на оној што се користи кај големи музички настани, каде вредноста на билетите се зголемува зависно од побарувачката.