Уапсен кошаркарски репрезентативец на Србија – правел хаос во воена болница!

Поранешниот кошаркар на Црвена звезда, Урош Плавшиќ, е приведен од српската полиција по сериозен инцидент што се случил во текот на ноќта меѓу 16 и 17 јули во кругот на Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград.

Тој, наводно, ја прескокнал заштитната ограда на ВМА, по што кај влезот физички нападнал припадник на обезбедувањето кој бил на должност. Инцидентот се случил кај една од пријавницата, а и покрај ненадејниот напад, припадникот на обезбедувањето успеал да го совлада кошаркарот и веднаш да ја извести Воената полиција.

По пристигнувањето на местото на настанот, припадниците на Воената полиција го презеле Плавшиќ, а потоа го предале на патрола на Министерството за внатрешни работи. Во инцидентот, припадникот на обезбедувањето се здобил со полесни повреди на главата и на раката.

На Плавшиќ му е одреден полициски притвор до 48 часа. Тој е осомничен за кривично дело „напад врз воено лице при вршење на воена служба“, по што против него ќе биде поведена понатамошна постапка. Тој е и репрезентативец на Србија со која го освои бронзениот медал на ЛОИ 2024, а пред само десетина дена потпиша договор со романскиот претставник во АБА, тимот на Клуж.