Сензација на УС Опен - 123. тенисер во светот го елиминираше Музети

Големо изненадување се случи во второто коло на УС Опен, каде што австралискиот тенисер Дејн Свини го совлада фаворизираниот Италијанец Лоренцо Музети со 3-1 во сетови.

Свини, кој моментално се наоѓа на 123. место на АТП-листата, приреди една од најголемите сензации на досегашниот дел од турнирот, елиминирајќи го 14. носител и еден од фаворитите во ждрепката.

Музети подобро го започна мечот и го освои првиот сет со 6-3. Сепак, од тој момент следуваше целосен пресврт. Свини го подигна нивото на играта, стана поагресивен во размените и започна да врши сериозен притисок врз сервисот на Италијанецот. Вториот сет му припадна убедливо на Австралиецот со 6-1, со два направени брејка. Свини продолжи во ист ритам и во третиот сет, кој го доби со 6-2, повторно со два одземени сервиси на противникот. Музети не успеа да најде решение ниту во четвртиот сет. Свини продолжи да доминира и со уште два брејка стави точка на мечот, славејќи по два часа и 36 минути игра.

Австралиецот така обезбеди пласман во третото коло на УС Опен, каде што ќе има уште еден тежок предизвик. Таму ќе се соочи со уште еден Италијанец, Лучано Дардери, кој моментално е 22. тенисер во светот. За Музети, пак, настапот на последниот гренд слем во сезоната заврши неочекувано рано. Италијанецот влезе во мечот како голем фаворит, но на крајот претрпе убедлив пораз од 123. тенисер во светот.