Барса не се откажува од Алварез - во јануари тргнува со сите сили!

Барселона не успеа да го реализира трансферот на Хулијан Алварез во летниот преоден рок, но каталонскиот гигант очигледно нема намера да се откаже од својата голема желба.

Според информациите на „Спорт“, Барселона во зимскиот преоден рок повторно ќе тргне по аргентинскиот напаѓач и овојпат планот е да се направи максимален напор за негово доведување.

Алварез во текот на летото беше голема желба на Барселона, но Атлетико Мадрид категорично одби да преговара со каталонскиот клуб. Мадридскиот тим не сакаше својот најголем напаѓач да го продаде на директен ривал, па трансферот пропадна и покрај желбата на самиот фудбалер да се пресели на „Камп Ноу“. Во трката се вклучи и Арсенал, но Алварез ја одби таа можност бидејќи неговата желба остана иста – трансфер во Барселона. Поради тоа, тој остана во Мадрид и повторно се стави на располагање на Диего Симеоне.

Сега приказната добива ново поглавје. Според новинарот на „Спорт“, Давид Бернабеу, Барселона во јануари ќе биде уште поагресивна во обидот да го доведе Аргентинецот.

„Во зимскиот преоден рок Барса ќе оди со сите сили по Хулијан. Ова веќе стана лична работа“, е пораката која ја пренесува Бернабеу.

Останува големото прашање – дали Атлетико ќе ја промени позицијата? Клубот веќе покажа дека не сака да го продаде Алварез на Барселона, а актуелниот договор на Аргентинецот со мадридскиот клуб е до 2030 година. Сепак, Барселона очигледно го гледа Алварез како долгорочно решение во нападот и е подготвена повторно да ја отвори трансферната сага во јануари.