Невоспитаните инфлуенсери и екстремните цени го уништуваат годинешниот Ју-Ес опен!
Кулминацијата на незадоволството се случи на стадионот „Артур Еш“ за време на мечот меѓу Наоми Осака и Анастасија Захарова. Главниот судија мораше да ја прекине играта и да опомене група гледачи кои користеа фотографска „ринг-лампа“ (кружно светло) за снимање содржини за социјалните мрежи додека траеше разигрувањето. Овој инцидент предизвика остри реакции. Водителот на популарен американски подкаст, Џек Мек, јавно побара забрана за присуство на инфлуенсери на турнирот, истакнувајќи дека настанот се претвора во локација за демонстрација на социјален статус, наместо во спортско доживување.

Покрај однесувањето на дел од публиката, организаторите се на удар на критики и поради ценовните скокови кои ги одвраќаат традиционалните фанови. Сендвич со шунка чини 30 долари, варијантите со говедско и мисиркино месо се по 29 долари, додека обична порција чипс достигнува речиси 10 долари. Препознатливиот коктел на турнирот се продава за 23 долари, аод него лани биле продадени над 738.000 вакви коктели, генерирајќи приход од над 17 милиони долари.

Официјалниот пешкир на Ју-Ес Опен чини 50 долари, што претставува поскапување од 12 долари во однос на минатата година. Билети се пак посебна приказна: На секундарниот пазар за препродажба, влезниците за машкото финале достигнуваат вртоглави суми од околу 30.000 долари. Критичарите посочуваат дека границата меѓу спортски настан и филмско студио за социјалните мрежи почнува да се губи, поставувајќи го прашањето дали фокусот на турнирот останува на врвниот тенис или на привлекувањето внимание на интернет.
