Кирјос најде дупка во законот - суспензијата поради допинг веќе му истече
Кирјос беше позитивен на тестирањето за време на АТП турнирот од серијата 250 на Мајорка во јуни годинава, а привремено беше суспендиран на 4 август.
Сепак, по дополнителната истрага било утврдено дека кокаинот бил употребен надвор од периодот на натпреварување. Токму поради тоа, казната била значително поблага. Меѓународната агенција за интегритет во тенисот (ITIA) првично му изрекла суспензија од три месеци, но таа била намалена на само еден месец откако Кирјос се согласил да учествува во одобрената програма за рехабилитација.
Доколку употребата била поврзана со периодот на натпреварување, Австралиецот можел да се соочи и со суспензија од дури четири години. Кирјос по објавувањето на случајот призна дека направил „огромна грешка“ и порача дека целата ситуација за него претставувала сериозен сигнал за промена.
„Морам да се фокусирам на тоа да се доведам себеси во ред“, порача тогаш Австралиецот.
Неговиот кам-бек, сепак, доаѓа по исклучително тежок период во кариерата. Кирјос во последните години имаше сериозни проблеми со повреди, поради кои многу малку настапуваше. Имаше операции на коленото и зглобот, а во последните две сезони играше на само неколку турнири. Во меѓувреме, случајот предизвика и реакции од други тенисери. Стефанос Циципас неодамна изјави дека не бил особено изненаден од информацијата за позитивниот тест на Кирјос, додавајќи дека за случајот знаел уште пред тој да стане официјално познат.