За четири години САД може повторно да биде домаќин на Мундијал
Станува збор за Мундијалот во женска конкуренција кој САД сака да го организира и ова го потврди, Ендрју Џулијани, директор на работната група на Белата куќа задолжена за организацијата на актуелното Светско првенство.
Според неговите зборови, ФИФА веќе го информирала претседателот Доналд Трамп за можноста САД да го организираат женскиот Мундијал. Џулијани наведе дека домаќинството на овој турнир би било продолжение на соработката меѓу американската администрација и светската фудбалска федерација.
Сепак, тој нагласи дека Вашингтон ќе инсистира одредени ставови на ФИФА да бидат усогласени со политиките на американската влада.
Едно од клучните прашања, според него, се однесува на правилата за учество на трансродови спортисти во женските натпреварувања. Џулијани порача дека САД сакаат организацијата на турнирот да биде во согласност со домашната политика и дека натпреварувањето треба да се однесува исклучиво на жени според критериумите што ги поддржува американската администрација.
Тој додаде дека ова прашање би можело да биде дел од поширок пакет услови и гаранции кои земјите домаќини ги обезбедуваат за ФИФА. Меѓу останатите теми се безбедносните мерки, издавањето визи, царинските процедури и даночните правила.
ФИФА сè уште нема донесено официјална одлука за домаќинот на Светското првенство за жени во 2031 година. Процесот на избор е во тек, а заедничката кандидатура на САД, Мексико, Костарика и Јамајка моментално е единствената официјална пријава.