Неверојатно: Цела Латинска Америка ќе навива против Меси и Аргентина во финалето на СП!

Иако низ историјата латиноамериканските земји најчесто застануваа зад репрезентациите од својот континент кога тие стигнуваа до завршницата на големите натпреварувања, утрешното финале на СП 2026 меѓу Аргентина и Шпанија покажа дека за „гаучосите“ тоа правило не важи.

На социјалните мрежи деновиве доминираат мемиња, шеги и пораки за поддршка на Шпанија, а многумина од Бразил, Мексико, Колумбија, Чиле и други земји отворено посакуваат Лионел Меси и Аргентина да останат без четвртата светска титула. Една од најсподелуваните фотомонтажи го прикажува Ламин Јамал во дресот на Бразил, со натпис: „Надежта на бразилскиот народ“, што најдобро ја доловува атмосферата пред финалето.

Според колумбискиот социолог Герман Гомес, Аргентина одамна престанала да ја ужива традиционалната регионална солидарност.

„Дигиталната ера создаде наратив дека Аргентина е миленик на ФИФА и на нејзиниот претседател Џани Инфантино“, изјави Гомес.

Многу навивачи од регионот сметаат дека Аргентинците добивале поволни судиски одлуки на турнирот, иако голем дел од нив беа потврдени како исправни од ФИФА и судиските експерти.

„Ако Бразил не можеше да стане светски шампион, повеќе би сакал Шпанија да ја освои втората титула отколку Аргентина четвртата“, изјави бразилски навивач за АФП.

Слично размислуваат и во Колумбија.

„Ќе навиваме за Шпанија“, порача Хуан Камило Абусаид од Богота.

Антиаргентинското расположение не е поврзано само со фудбалот. Дел од навивачите ја поврзуваат репрезентацијата со актуелната политичка ситуација во Аргентина и претседателот Хавиер Милеј, додека други потсетуваат на претходни контроверзии околу навивачите и поединци од националниот тим, кои беа обвинувани за расистички испади.

„Не ми се допаѓа Хавиер Милеј. Не би сакал тој да се фали со светската титула ако Аргентина победи“, изјави Рашид Сјоберг од Сантијаго.

Сепак, не сите во регионот се против „гаучосите“. И натаму има навивачи кои сметаат дека континенталната припадност е поважна од ривалството.

„Ќе навивам за Аргентина затоа што е јужноамериканска земја“, изјави студентот Валентино Токто од Лима.

Интересно е што самиот Лионел Меси неодамна порача дека е свесен оти успехот на Аргентина предизвикува силни реакции.

„Пред четири години го остваривме тоа што го сакавме. Повторно покажавме дека никој ништо не ни подарува. Нека боли кого и да боли“, изјави капитенот на Аргентина.

Токму оваа изјава дополнително ја разгори дебатата пред големото финале, во кое, барем според расположението на социјалните мрежи и реакциите низ Латинска Америка, Шпанија ќе има многу повеќе навивачи отколку што некој очекуваше.